Училиштето низ годините

     Постоењето и развитокот на ОУ„Св.Климент Охридски“ с. Драчево е поделено на два периода. Првиот, кога на учениците не им било можно да го слушаат мајчиниот збор во процесот на наставата и вториот период, кој настапува по Втората светска војна, победата над фашизмот и ослободувањето на нашата земја, кога во училиштето за прв пат започнува да се изведува настава на македонски јазик.
        Постојат податоци дека училиштето е градено од 1922 до 1923 година. За прв пат во него почнало да се учи во 1924 година, а на 25 ноември 1944 год. повторно се огласило училишното
ѕвоно, повикувајќи ги учениците да ја осознаат вистината за животот на својот мајчин македонски јазик. Веднаш по војната во учебната 1944/45год. се формирале 4 одделенија, од кои во I одд. 2 паралелки со 86 ученици, во II одд. 2 паралелки со 90 ученици, во III одд. 2 паралелки со 91 ученик и IV одд. 1 паралелка со 58 ученици. Од тој ден поминаа седум децении, време на развиток, напредок, успеси. 
          Училишната зграда која е изградена пред деведесет години не била доволна да ги прифати сите ученици, кои имале желба да го започнат своето образование. Таа имала капацитет за само четири одделенија. Меѓутоа од година во година училишниот простор почнал да се проширува.  Изградена е сала за културно- забавен живот, сала за физичко и здравствено образование, се адаптираат неколку простории за училници, работилница за општо- техничко образование и просторија за дневен престој. Паралелно со доградување на училишниот простор се менува и надворешниот изглед на училиштето, со убаво уреден двор,
кој исполнет со цветни растенија им ги дава сите можности на учениците, потребни за одмор и рекреација.